Професорски пленум: Нелегални претставници продолжуваат со обидите за фалсификување на студентската волја

Од:

Професорскиот пленум се огласи со свој став за обидот за експресен избор на ново раководство на студентите. Професорскиот пленум ги поддржува напорите на Студентскиот пленум да се спротивстават на уште еден обид за злоупотреба на студентското организирање.
Еве го ставот на Професорскиот пленум:
Откако Студентскиот пленум ја алармираше јавноста околу истечениот мандат на Претседателот на СПУКМ Кирил Спировски и нелегалниот статус на претставниците на студентите коишто ќе гласаат за избор на ректор на УКИМ, истите тие нелегални претставници продолжуваат со обидите за фалсификување на студентската волја.

Професорскиот пленум најостро го осудува обидот на нелегалното раководство на СПУКМ да организира избор за претседател во експресен рок и по завршувањето на академската година, т.е. во време кога најголем број студенти се отсутни и не се во можност ниту да се кандидираат, ниту да гласаат. Со ова се прекршуваат одредбите од Правилникот за избори на СПУКМ и им се одзема правото на студентите на УКИМ да бираат и да бидат бирани, што претставува класичен акт на насилство на една мала група којашто го држи во заложништво целокупното студентското организирање.

Професорскиот пленум ги потсетува Ректорот на УКИМ, Ректорската управа и сенаторите на УКИМ дека фалсификувањето на изборот на студентски претставници во органите и телата на УКИМ не е само проблем на студентите, како што тврди ректорот Стојковски, туку дека директно влијае на целокупното работење на универзитетот како и на законитоста на претстојниот избор за ректор.

Оттаму, Професорскиот пленум ги поддржува напорите на Студентскиот пленум да се спротивстават на уште еден обид за злоупотреба на студентското организирање и ги повикува сите членови на академската заедница коишто одлучуваат во органите и телата на УКИМ да побараат стопирање на постапката за избор на ректор сè додека не се одржат законски, фер и транспарентни избори за претседател на Студентскиот парламент, со што ќе се обезбедат услови за законска и фер постапка за избор на ректор.

Истовремено, Професорскиот пленум очекува од кандидатите за ректор на УКИМ да го одржат јавно дадениот збор дека ќе се откажат од учество во незаконска и нелегитимна постапка за избор на ректор и бара да преземат конкретни чекори во насока на заштита на законитоста на постапката.

Би можело да ве интересира

Професорски пленум и НАкС: Предлог-законот за високо образование е исчекор, но има и недоречености

Ана Ололовска

Заев ги поздрави заложбите на професорскиот пленум за враќање на автономијата на Универзитетот

Наум Локоски

Соопштение на Независниот академски синдикат и Професорскиот пленум во врска со усвојувањето на извештајот на ректорот на УКИМ

Наум Локоски

Професорски Пленум со осуда за нерегуларните избори и бруталната полициска акција

А1он

Реакција на Професорскиот Пленум во врска со упадот на полицијата на просторот на УКИМ

Предраг Петровиќ

Четворица кандидати за ректор одбија да одговорат како би ја заштитиле автономијата на Универзитетот

А1он