Поради која арбитражна постапка Македонија треба да плати 450 милиони долари

Од:

Македонија ќе треба да плати 450 милиони долари како резултат на арбитража поради изгубена добивка, соопшти вчера премиерот Христијан Мицкоски без притоа да прецизира за кој спор станува збор.

„Еве ќе ви дадам еден пример, да речеме завршува една арбитража и поради едно такво неодговорно однесување на претходната влада сега вие граѓаните ќе треба да платите 450 милиони долари изгубена добивка. Завршена е таа арбитража“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Aрбитражните постапки кои се водат против државава веќе подолг период предизвикуваат загриженост поради огромната потенцијална сума на пари која што може да падне на товар на државната каса односно граѓаните.

Премиерот во изјавата не откри за кој спор станува збор, но во јавноста веќе неколку месеци циркулира информацијата дека Македонија го изгубила арбитражен спор поради одлуката на Владата на тогашниот премиер Зоран Заев еднострано да го раскине Договорот за концесија за експлоатација на бакар во Казандол, Валандовско. Неофицијални информации беа дека, наводно, станува збор за астрономска отштета од околу половина милијарда евра, која од државниот буџет ќе треба да се префрли на сметката на англиско-украинскиот конзорциум „Сардич МЦ“.

До меѓународната арбитража предметот дојде откако поранешниот премиер Зоран Заев на 27 март 2018 година ја потпиша одлуката за едностран раскин на договорот, велејќи дека има цврсти правни аргументи.

„Владата е посветена на здравјето на граѓаните, здравјето е поважно од било кој приватен интерес и ова е порака до граѓаните на општините Валандово, Богданци и Дојран“, изјави тогаш Заев, додавајќи дека компанијата била обврзана „во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар, а Владата нема да плаќа пенали, бидејќи во овој случај концесионерот не го испочитувал договорот“.
Од Сардич тогаш одговорија дека не се исполнети ниту законските, ниту договорните услови за еднострано раскинување од страна на Владата на Договорот за концесија за експлоатација за рудникот „Казандол“. Според конзорциумот, надлежните државни институции никогаш не утврдиле ниту една неправилност, а концесионерот воопшто не бил ниту опоменуван, ниту пак казнуван. Пред да ја покрене меѓународната арбитража компанијата побара да се пристапи и кон пријателско решавање на спорот, а реагираше и украинската амбасада во земјава. Оттаму истакнаа дека Македонија и Украина имаат потпишано спогодба за поттикнување и заемна заштита на инвестициите во двете држави и спорот треба да се реши со пријателски преговори.

Последно, Владата загуби во меѓународна арбитража за купопродажниот договор за рафинеријата ОКТА, па државата сега треба да ѝ плати 21 милион евра на грчката компанија „Хеленик Петролеум“, бидејќи не го испочитувала договорот потпишан во 1999 година. Со него земјава се обврзала годишно да купува по 500.000 тони грчки мазут, иако немала потреба од толкава количина.

Додека пак, според последниот извештај на Државниот завод за статистика, објавени лани против државата се поведени вкупно пет арбитражни постапки кои може државата да ја чинат 1,3 милијарди евра.

Уште една потенција арбитражна постапка е можна и во предметот со рударскиот проект за ископ на бакар „Иловица – Штука“ за што концесиите ги има канадската компанија „Еуромакс ресоурцес“. Менаџментот на компанијата во април годинава предупреди дека доколку правдата во овој предмет кој со години е заглавен во правни и административни лавиринти не надвладее ќе бидат принудени на арбитража. Според адвокатскиот тим на компанијата, штетата од овој спор би изнесувала близу една милијарда евра имајќи ги предвид актуелните цени и побарувачка на бакар.

Би можело да ве интересира

Кој ќе ја плаќа отштетата за пропаднатите рударски инвестиции?

А1он

(ВИДЕО ) „Еуромакс ресоурцес“ со последна опомена до власта да го почитува законот, пред да почнат арбитража тешка милијарди евра

A1on

ВМРО-ДПМНЕ: Ризикот за плаќање на милионски отштети кон странски фирми во арбитражни постапки е заради неспособноста и криминогеноста на СДС

Граѓаните може да платат 1,3 милијарди евра за грешките на политичарите: Нови арбитражни постапки против Македонија

A1on

Двоен зијан – ем без реализирани инвестиции, ем ќе плаќаме отштети

Предраг Петровиќ

Позитивни резултати за времетраењето на постапките решени со Арбитража

Ана Ололовска