Патот Ранковце-Крива Паланка ќе биде завршен до Нова година најавија Николоски и Трајановски

Од:

До нова година очекувам експресниот пат Ранковце – Крива Паланка да биде завршен. Се гради во два лота и едниот е завршен околу 71 отсто, вториот- 91 отсто, рече при денешниот увид во работите на терен Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈП „Државни патишта“, Коце Трајановски ја посетија локацијата кај Општина Ранковце кадешто интензивно се работи на патот.

-Изминатите четири недели ги искористивме за да ги разгледаме ситуациите што ги наследивме, коишто за жал не се ни малку добри, но и да бараме решенија затоа што бевме избрани за да бараме решенија. Решенијата полека ќе доаѓаат, едно по друго и проектите ќе се завршуваат. Ова е проект на кој не било посветено внимание. Заедно со директорот на ЈПДП посветивме и ќе посветуваме сериозно внимание во следниот период и можам со задоволство да ви кажам дека овој експресен пат до Нова година ќе биде готов и веќе после Нова година ќе може да го користат сите жители и на Македонија, и на Бугарија, сите останати што патуваат и на овој начин ќе ја развиваме Македонија, рече Николоски.

Посочи дека затекнале проект со слаба динамика на работа што имал свои проблеми во минатото.

– Проектот е делумно финансиран со заем од Светска банка, пари што треба да ги вратиме, а делумно, се грант од околу 14 милиони евра. Сакам да се заблагодарам за грантот, сума што за држава како Македонија не е мала работа. Во однос на изведбата на патот, има проблеми со експропријација, има проблеми со изведба, но тоа е наша работа, јас кажав пред некое време, што ќе правиме – ќе правиме, работите ќе ги завршуваме. Мислам дека граѓаните од нас очекуваат решенија, а не образложенија и во следниот период ќе нудиме решенија и ќе ги завршуваме работите, рече Николоски.

Директорот на ЈПДП, Трајановски, истакна дека активностите на патот се отпочнати во 2018 година, а со оглед на реализацијата на градба на двата лота од патот, Страцин-Длабочица и Длабочица-Крива Паланка, од 71 и 91 отсто реализација, очекуваме да бидат завршени до Нова година.

-Денеска сме тука да направивме увид заедно со министерот за транспорт и врски. Овој пат е во должина од 25 километри, поделен на два лота: Страцин – Длобочица, во должина од 15 километри и Длобочица – Крива Паланка, во должина од 10 километри. Вредноста на целата инвестиција е 93,7 милиони евра, со тоа што на првиот лот е 43 милиони евра, а на вториот е околу 50 милиони евра. На терен сме постојано и како ЈПДП и како Министерство за транспорт и врски, а голема е помошта од локалната самоуправа, од градоначалникот на Ранковце и месното население, рече Трајановски.

Истакна, експресниот пат Ранковце-Крива Паланка ќе овозможи многу побрза комуникација од Скопје преку Куманово со Крива Паланка и секако,рече, ова е дел од Коридорот 8 со којшто се поврзуваме меѓу Софија и Скопје.

Министерот Николоски рече дека ова сообраќајно решение ќе помогне да се развие бизнисот, луѓето да приходуваат повеќе и да остануваат да живеат во местата од коишто потекнуваат.

-Овој експресен пат ќе помогне да се забрза комуникацијата со Софија, да се скрати времето на патување како би се отворил нашиот главен град и кон Софија и како патувањето би дошло на некои пристојни два и пол часа помеѓу Скопје и Софија и на тој начин да го отвориме Коридор 8, изјави Николоски.

Би можело да ве интересира

Во раните утрински часови локализиран пожарот во Ранковце

Катерина Ѓуровски

Ранковце добива нов систем за наводнување во вредност од 1,7 милиони евра

А1он

Прв регистриран случај со Ковид-19 во Ранковце

А1он

Еден загинат и петмина повредени во сообраќајката на патот Куманово – Крива Паланка

А1он

Две тешки кражби во цркви во Општина Ранковце

Едно лице тешко повредено во сообраќајка кај Псача, сообраќајот во прекин

Наум Локоски