Соочени со зимските услови и снежните врнежи, Град Скопје навремено и одговорно ги презема сите неопходни мерки за обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Екипите на Град Скопје уште од раните утрински часови се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на улиците и булеварите под градска надлежност, со 24-часовна активност и координација на кризниот штаб, велат од Град Скопје.
– Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска. Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот. Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Од СДСМ пак утрово реагираа дека главниот град е во колапс.
– Орце и ВМРО ги изненади снег во јануари. Градот е парализиран, сообраќајакот е во хаос. Службите не функционираат, не можат со малку снег да се справат. Сега скопјани треба да чекаат да се стопи снегот по улиците за да се движат нормално, се наведува во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.Нема доволно возила за чистење, ама има за 161 тендер за ортаците на Орце и ВМРО. Дали ова е „Safe city“?Затоа СДСМ инсистира на закон кој, како и сè друго, нема да биде злоупотребен од страна на ВМРО. Исто како што се злоупотребува и парите на граѓаните, кои преку тендери завршуваат во приватни џебови на ортаците на Мицкоски.Како што изгледа градот денес, така ќе изгледа и цела Македонија – блокирана од сите, поради политиките што се водат. Црна точка во Европа.
Што се однесува до остатокот од земјава, од Министеерството за транспорт велат дека сообраќајот се одвива непречено.
Сите патни правци се проодни и сообраќајот се одвива непречено по влажни коловози. Сите патни правци каде што паѓа снег континуирано се чистат со координирани активности на ЈП „Македонијапат“ во соработка со Министерството за транспорт.
Како што информираат од Министерството за транспорт, екипите на ЈП „Македонијапат“ се целосно екипирани и со цела механизација и работна сила на терен вршат континуирано чистење на државните патишта.
Се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
-Во текот на целиот ден остануваме на терен со цел што понепречено и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од Министерството за транспорт.