Франција, Германија, Италија и Романија се залагаат на Украина веднаш да и се даде кандидатски статус

Од:

Лидерите на Франција, Германија, Италија и Романија се залагаат на Украина „веднаш“ да и се додели статус кандидат за членство во ЕУ, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон на заедничката прес-конференција со европските лидери и украинскиот претседател Володомир Зеленски во Киев.

– Сите четворица поддржуваме давање статус на кандидат, рече Макрон.

Тој додаде дека овој статус е проследен со патоказ што значи и да се земе предвид состојбата на Балканот и соседството, особено во Молдавија.

Макрон зборуваше по заедничките разговори што тој, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги и романскиот претседател Клаус Јоханис ги имаа денеска со украинскиот претседател Зеленски во Киев.

Макрон, Шолц и Драги денеска пристигнаа во Киев со специјален воз, за ​​да и покажат поддршка на Украина. Клаус Јоханис, претседателот на Романија, која беше една од клучните дестинации за украинските бегалци, денеска одделно пристигна во Киев.

Италијанскиот премиер Марио Драги потврди дека Италија „ја сака Украина во Европската унија“.

– Денеска најважната порака од нашата посета е дека Италија ја сака Украина во Европската унија, потенцираше Драги на заедничката прес-конференција по разговорот со Зеленски.

Шолц вели дека дошол во Украина со јасна порака: Украина припаѓа на европското семејство.

Тој додаде дека Германија ќе ја поддржи одлуката за пристапување на Украина и Молдавија во ЕУ. Шолц, исто така, потенцираше дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина се додека тоа е потребно.

Европската унија следната недела треба да одлучи дали на Украина ќе и даде официјален статус на земја кандидат за членство.

Макрон, исто така, најави дека Франција ќе и испорача на Украина дополнителни шест самоодни хаубици Цезар, познати по својата прецизност, покрај 12-те веќе испорачани.

Европските лидери денеска го посетија Ирпин во предградие на Киев, кој беше уништен во првите недели од руската инвазија на Украина. Констатирајќи ја направената штета, германскиот канцелар ја осуди „бруталноста на руската агресивна војна, чија цел е само уништување и освојување“.

– Беа погодени невини цивили, уништени куќи. Уништен е цел град кој немаше никаква воена инфраструктура, рече Шолц.

Четворицата лидери подоцна се вратија во центарот на Киев на разговори со претседателот Зеленски пред заедничката прес-конференција.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Русите нападнаа изложба на оружје во близина на Киев, има мртви и ранети

Украинците повторно ги напаѓаат магацините на „рускиот Амазон“, пожари во Ленинградската област

(ВИДЕО) Најмалку 18 повредени во напад врз Запорожје

Горан Наумовски

Рубио по средбата со Лавров: САД се подготвени да понудат нови идеи за мир во Украина

Санкт Петербург: Украински агент со бомба уапсен во метро

Блумберг: Путин планира тампон-зони во Украина