Женскиот ракометен клуб Вардар започна нова промотивна акција наменета за своите навивачи и сите љубители на овој спорт под мотото „Јас, ти и Вардар! Едно семејство – една љубов!“. Со новата акција за секоја купена влезница се обезбедува влез за двајца.
Промотивната акција на македонскиот шампион доаѓа во пресрет на следниот натпревар од Лигата на шампиони, во сабота против хрватскиот првак Подравка.
– Одбери го и израдувај го најжестокиот навивач помеѓу твоите пријатели и бидете заедно дел од тимот кој ќе ги бодри Вардарки на патот кон пласман во следната фаза, четврт-финалето на најелитното европско ракометно натпреварување, Лига на Шампиони. Во рамки на акцијата, која воедно има за цел да го промовира ракометот и како семејна спортска атракција, секој родител со својата купена влезница добива бесплатен влез и за дете до 10 годишна возраст, соопштуваат од ЖРК Вардар.
Промоцијата важи и за сите оние кои веќе ги купиле своите поединечни или сезонски билети, како и за оние кои тоа допрва ќе го сторат.
За саботниот натпревар ЖРК Вардар СЦБТ – РК Подравка кој ќе се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:00 часот, во продажба се влезници со цена од 100 денари и од 200 денари.