Македонскиот женски ракометен шампион „Вардар“ ја победи репрезентацијата на Данска во првиот пријателски натпревар во „Јане Сандански” со 34:30.
Вардарки го контролираа речиси цел натпревар и освен почетните минути кои им припаднаа на гостинките кога поведоа со 2:0, „црвено-црните“ беа во позитива. Веќе во 10. минута Вардар поведе со 7:4, а во 15. минута беше 10:6. Голманот Амандин Лејно беше во одлична форма, запре два противнички пенала и оствари вкупно девет одбрани, а тоа им овозможи на нејзините колешки да дојдат и до шест гола разлика, за на полувреме да се замине со 18:13.
Во вториот дел тренерскиот тандем на македонскиот шампион, Индира Кастратовиќ и Јан Питлик сменија неколку играчи, Ина Суслина застана на голот, но ништо од тоа не влијаеше на резултатот. По 10 минути Вардар водеше со 22:18, а во 44. минута повторно ја имаше највисоката позитива (25:19).
Следуваа неколку грешки во играта, кои ѝ дозволија на Данска со серија од 4:0 да фати резултатски приклучок, но не и да направи целосен пресврт.
Вториот контролен меч се игра вечер од 19 часот во малата сала на СЦ „Јане Сандански“. Влезот е слободен.