Македонскиот ракометен шампион ЖРК Вардар подготвен го дочекува натпреварот со Крим за кој од таборот на вардарки велат дека мора да се добие и на тој начин да се преброди поразот од Лајпциг во првото коло од главната фаза од Лигата на шампионите.
На денешната прес-конференција тренерот Индира Кастратовиќ како главна опасност за нејзиниот тим ги истакна Мирјета Бајрамовска и Алисон Пино.
– Против Лајпциг не покажавме тоа што го очекувавме. Треба да извлечеме поука од поразот. Девојките се психички подготвени за победа. Крим е квалитетен состав каде најдобри се поранешната ракометарка на Металург и македонска репрезентативка Мирјета Бајрамовска, како и екс „вардарката“ Алисон Пино од Франција. Психички сме подготвени и се надевам дека в сабота ќе одиграме еден добар натпревар и ќе се израдуваме на победа, истакна Кастратовиќ.
И поранешната ракометарка на Крим, Барбара Лазовиќ очекува бодовите да останат во Скопје.
– Не смее повеќе да ни се повтори играта од Лајпциг. Во сабота одиме на победа и да покажеме кој е фаворит, но ќе треба да го спречиме противникот да наметне своја игра, истакна Лазовиќ.
Дуелот ЖРК Вардар – Крим се игра в сабота од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“.