Најдобриот фудбалер на светот во 80.те години од минатиот век, Аргентинецот Армандо Диего Марадона изрази желба да седне на клупата на Барселона и во тој клуб да му биде тренер на неговиот сонародник Лионел Меси.
– Мојот сон е еден ден да бидам тренер на Барселона и на Меси, изјави Марадона.
Како што пренесуваат шпанските медиуми Марадона упатил остри критики до играта на каталонск ата екипа по заминувањето од тренерското место на Пеп Гвардиола.
– Со одењето на Гвардиола клубот изгуби многу. Тоа се гледа и по последните резултати кои не им одат во нивни прилог. Играчите претеруваат во меѓусебните додавања и некогаш се добива впечаток дека тие се бесцелни, истакна Аргентинецот.
Тој уште еднаш застана во одбрана на Меси кој доби сериозни критики од јавноста за неговите последни настапи во Шпанија оценети како бледи и непродуктивни.
– Никој нема право да го критикува Меси поради неколку послаби натпревари. Треба да се гледа неговиот придонес во текот на целата сезона и да не се забораваат неговите брилијантни партии, потенцира Марадона кој веќе еднаш му беше тренер на Меси во репрезентацијата во периодот 2008-2010 година.