Новинарите беа изнанадени и не можеа да го препознаат чешкиот репрезентативец и поранешен напаѓач на турскиот клуб „Галатасарај“, Милан Барош, кој на потпишувањето на договорот со неговиот матичен клуб „Бањик“ од Острава се појави обраснат со голема брада.
– Се работи за облог, кој завршува на 1 мај и нема да разговарам веќе за тоа, изјави 31-годишниот фудбалер.
Според договорот, Барош за матичниот клуб ќе настапува до јуни 2014 година, а платата од 800 евра, плус премијата, ќе ги дарува за едукација на подмладокот во клубот.
– Сакам да му помогнам на тимот да остане во лигата. Не дојдов за пари, нив ги заработив на друго место. Би било чудно, есента дадов 1 милион круни (40.000 евра), сега да земам два милиони, потсети на својот подарок неодамна, Барош.
Чешкиот репрезентативец од Острава замина во 2001 година, кога направи трансфер во Ливерпул.
Барош настапуваше уште и за англиските тимови „Астон Вила“ и „Портсмут“, а во кариерата го носел дресот и на францускиот „Олимпик“ од Лион. На „Галатасарај“ му се придружи во 2008 година.