Македонскиот каратист и член на клубот Макпетрол, Петар Заборски го освои златниот медал на Светскиот куп за младинци што викендот се одржа во Умаг, Хрватска.
Тој во категорија на помлади сениори (У-21), во тежинската категоријата до 75 килограми, по победата во финалето со 4-2 над Италијанецот Лоренцо Пијетромарчи се искачи на највисокото место на пиедесталот.
Заборски до финалето забележа четири победи и тоа против Никлас Веимер од Шведска 4-0, Марк Саликру од Шпанија 5-0, Патрик Ривест Николас од Канада 8-0 и во полуфиналето Камил Салаев од Русија 3-2.
– За ова финале бев посебно мотивиран, Јас во 2015 година во Швајцарија, Цирих на европското првенство за Јуниори исто како и сега влегов во финалето и имав противник од Италија. Тогаш ми судеше како главен судија од Швајцарија и некако цело време го водеше натпреварот, за на крај да ме дисквалификуваа. Паметам дека сите новинари и целата публика негодуваа се чудеа како може една финална борба да заврши со дисквалификација поради измислени четири контакт удари. Затоа, сега решив по секоја цена да се реванширам токму на тој момент. Успеав во тоа и затоа сум многу среќен, потенцира Заборски.
На Купот во Умаг учествуваа 2.000 каратисти од 70 држави.
Според она што го најави ВКФ, место за младинските Олимписки игри во Буенос Аирес-Аргентина во 2018 година обезбедува секој што ќе освои медал, така што Петар Заборски ја обезбеди олимписката виза.
Инаку, Заборски беше единствениот македонски каратист што освои медал на Европското првенство за кадети, јуниори и У-21 за 2017 година во Софија Бурарија, во истата конкуренција и категорија.