„Фолксваген“ ја одбележа 40-годишнината од почетокот на производството на моделот „Пасат“, објавувајќи серија фотографии од сите генерации на овој популарен модел.
„Пасат“ беше претставен во мај 1973 година. Дизајнот го потпиша Џорџо Џуџаро, а самот автомобил беше наменет за семејства од средната класа.
Набрзо по лансирањето, во јули истата година, „Пасат“ стана еден од најпродаваните модели во Германија. Во текот на својот пазарен век, до 1980 година, возилото го најде патот до 2,5 милиони купувачи.
Следнатаа генерација воведе иновации кои го одредија правецот на „Пасат“ се до денес. Воведен беше петцилиндричен бензинец, прв турбо-дизел и синхрон погон на сите тркала.
Оваа генерација стана светски хит, а автомобилите се произведуваа во Белгија, Шпанија, Бразил, Мексико, Јужна Африка и Јапонија.
Во следните генерации, „Фолксваген“ продолжи да го унапредува и подобрува квалитетот на „Пасатот“. Петтата генерација на моделот беше посебно успешна, бидејќи имаше целосно галванизирана каросерија и понуда на мотори со четири, пет, шест и осум цилиндри.
Шестата и седмата генерација од моделот продолжија да придонесуваат за успехот на „Пасат“, што најдобро го опишува бројката од над 20 милиони продадени примероци од 1973 година до денеска.