Македонската одбојкарска репрезентација ја забележа втората победа на гостувањето кај Австрија во натпреварите од Европската лига. „Црвено-жолтите“ синоќа во Грац славеа со 3-1 во сетови, резултат ист како и на првиот дуел.
Домаќинот по голема борба го доби првиот сет на разлика со 26:24, но потоа избраниците на селекторот Жарко Ристовски беа поуспешни со 25:23; 25:19 и 25:23.
Најдобри во македонскиот состав беа Јовица Симовски со 20 освоени поени и Никола Ѓоргиев со 15 реализации.
Со настапите во дебитантската сезона во Европската лига Македонија продолжува во петок и сабота (13 и 14 јуни) кога во Струмица ќе ја пречека Данска.
На патот кон освоување на едно од првите две места кои обезбедуваат учество следната сезона во А дивизијата, во нашата група покрај Австрија и Данска, македонските одбојкари за противници уште ги имаат Турција и Словенија.