Каролин Возњацки ја започна неуспешно одбраната на титулата на ВТА шампионатот на осумте најдобри во сезоната во Сингапур со награден фонд од седум милиони долари.
Тенисерката од Данска претрпе пораз во првиот натпревар од Белата група од седмата носителка Каролина Плишкова со 2:6, 4:6.
Плишкова започна силно и направи серија од победи во пет последователни гема, кои доведоа до 5:1 во нејзина корист и подоцна освојување на сетот.
На почетокот на вториот дел, повторно направи брејк против шампионката од Австралија Опен и до крајот ја задржа предноста.
Плишкова пропушти два меч топки при 5:3 и сервис на Возњацки, но потоа стигна до успехот при сопствен сервис.
Во другата средба од групата денеска, шесторангираната Елина Свитолина (Украина) оствари триумф над четвртата носителка и шампионка на турнирот во 2011 година – Петра Квитова со 6:3, 6:3.