Американската скијачка Линдзи Вон денеска соопшти дека поради фрактурата на левото колено добиена во саботата во Андора, ја завршува сезоната 2015/16.
– Дополнителните проверки покажаа дека фрактура на левото колено е посериозна и дека евентуално продолжување со настапите може да ја загрози понатамошната моја кариера. Затоа донесов тешка одлука. Тоа е една од најтешките одлуки во мојата кариера, бидејќи јас сум лидер во Светскиот куп, истакнува Вон.
31-годишната Американка оваа сезона го освои малиот кристален глобус во спуст. Таа победи во 76 трки во Светскиот куп и само 10 победи ја делат од достигнувањето на рекордерот Ингемар Стенмарк кој има 86 триумфи.
Во моментов Вон е лидер во Генералниот пласман со 28 бодови повеќе од второпласираната Швајцарка Лара Гут, која по одлуката за повлекување на Вон, станува прва претендентка за големиот кристален глобус.