Во Охрид на 15 и 16 август за првпат ќе се одржи ревијална изложба на автомобили – олдтајмери.
Четириесеттина возила стари повеќе од 50 години ќе бидат претставни пред гостите во Охрид, и тоа на три локации во градот – на плоштадот кај стариот чинар, на Кејот на Охридското Езеро и на плоштадот „Свети Климент Охридски“.
На ревијата на која најстариот примерок е произведен во далечната 1931 година ќе учествуваат и гости со своите возила од соседните држави.
Покрај изложбениот дел, вљубениците на олдтајмерите ќе имаат можност да го проследат и ревијалното возење предвидено за в сабота, од 14:30 часот до месноста Св. Наум и во 20.30 часот до хотелот Инекс Горица.
Ревијата е од меѓународен карактер, а учество ќе земат екипи од Македонија, Бугарија и Србија. Се очекува во иднина манифестацијата да добие традиционален карактер, а ревијалното возење да прерасне во меѓународна трка на олдтајмери.
Ревијалната изложба на автомобили – олдтајмери е во организација на Општина Охрид и АКК „Примо авј“ од Скопје.