Македонската ракометна репрезентација со 35:28 го загуби вториот меч во квалификациите за Европското првенство што во 2018 година ќе се игра во Хрватска , јавува дописникот на МИА од Плзен.
Чесите водени од желбата да се одмаздат за последниот пораз со кој ги исфрливме од Светското првенство што се одржува во Франција идната година одиграа одличен меч и бодрени од домашната публика и го нанесоа првиот пораз на Македонија во квалификациите.
Иако на почетокот на второто полувреме Македонија намали на 3 разлика сепак до крајот на мечот Чесите успеаа целосно да го држат резултатот под своја контрола и на крајот да победат со 7 голови разлика.
Кај домаќините најдобар играч беше голманот Мартин Галија најефикасен беше Јакуб Хрстка со 10 гола, а во нашиот тим покрај Кирил Лазаров и Дејан Манасков со 8 односно 6 одлична игра прикажаа младите ракометари Марко Неловски и Филип Талевски, јавува известувачот на МИА од Плзен.
На натпреварот кој се одигра во салата „Местска спортови – Локомотива“ во Плзен македонските ракометни репрезентативци беа бодрени од група од стотина навивачи кои пристигнаа од Македонија, Австрија, од повеќе градови во Чешка, од Германија, Швајцарија и други европски земји. На табелата во групата 4 од квалификациите Македонија, Исланд и Чешка имаат по 2 бода, а денеска се игра и мечот меѓу Украина и Исланд.