(ВИДЕО) Заев: Со закон за спорт ќе обезбедиме стабилни извори за финансирање

Од:

Претседателот на Владата на Република Македонија вчера вечер, во присуство на директорот на Агенцијата за млади и спорт, присуствуваше на свеченоста по повод избор на спортист на годината.

Во своето обраќање Премиерот Заев, цитирајќи го НБА кошаркарот Мајкл Џордан, истакна дека спортот, исто како и животот, е полн со предизвици и постојано дава нови шанси.

Во својот говор понатаму, Премиерот Заев рече:

„Утнав повеќе од 9.000 шутови. Изгубив речиси 300 натпревари. 26 пати ми беше доверено да изведам шут што носи победа и не погодив. Доживував неуспех за неуспех. И тоа е причината зашто успеав“.

И јас спортувам, играм фудбал, возам мотор рекреативно, но ова – не, не се однесува на мене. Овие зборови се на Мајкл Џордан, познатиот НБА кошаркар, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња.

Ја избрав оваа мала исповед на Џордан за почеток на моето обраќање, поради големината на смислата во неа. Затоа што е вистински одраз на поврзаноста на спортот со животната филозофија на успехот.

И животот, како и спортот е полн со предизвици и дава шанси, одново и одново, за шут, за погодок, за успех, нели?

И нешто уште поважно. Успех е, да: топката во кошот, во голот, стрелата во целта. Но уште поголем успех е желбата, волјата, истрајноста, вложени во тој напор, што води до моментот на тој, кош, гол, погодок. И не помал успех е и подадената топка, препознаената шанса дека тогаш кога некој од нас не може, некој друг до нас може.

Затоа што успехот, почитувани пријатели, кој и да го постигне, е индивидуален, но и колективен е, секогаш. Задоволството е лично, затоа и секој се стреми да биде подобар. Но сечиј успех е важен, токму поради тоа што е заеднички, поради тоа што ги поместува границите, рекордите, поради тоа што, тоа поместување на тие граници, станува силен мотив и за сите останати, дека може, се може, ако се биде трпелив, упорен и чесен, физички и духовно отворен за своите победи, кои се наши заеднички победи.

Спортските лекции се животни лекции. Спортските искуства се животни искуства. Тие `не учат дека е важно да се победи, ама важно е да се победи на фер плеј и дека ако не се победи, тоа е исто така победа, затоа што учеството е тренинг на телото, а играта знае да биде поважна од победата.

Затоа сте толку важни за нас и за општеството, почитувани спортисти, репрезентативци, селектори, почитувани ученици, наставници, професори, почитувани претставници на федерациите, Оддавам почит на вашите успеси со кои што `не правите среќни и горди, но пред `се на вашите заложби со коишто `не обединувате, `не поттикнувате, `не охрабрувате, уште поцврсто да веруваме дека победите се можни.

Вечерва, со моето присуство овде и јас вас ќе ве охрабрам и ќе ве уверам: Спортот го враќаме на спортските работници!

Професионалните спортисти и спортските работници ќе го добијат заслуженото достоинствено место во општеството, на тоа веќе почна да работи новата Влада во изминатите 6 месеци.

Владата на Република Македонија, заедно со Агенцијата за млади и спорт ќе овозможи и нови места и поголем простор и повеќе средства, за нови спортисти и рекреативци.

Проектот училиштен спорт, што овозможува секојдневна примена на спортот и спортско-рекреативни активности, го започнавме во октомври и за не цели три месеци веќе бележи раст од 20 проценти на деца кои спортуваат и се рекреираат.

Од почетокот на 2018 година почнуваме и со Олимписка програма којашто ќе има за цел, поддршка на одреден број спортисти кои ќе можат да остварат норма за Олимписките игри во 2020-та година во Токио. Програмата ќе трае до Олимписките игри и ќе ги покрие сите трошоци на спортистите во индивидуалниот спорт, за подготовките.

Почнавме изградба на нови училишни базени во рамки на најголемите училишта во 12 најголеми општини. Тука еден час по физичко воспитување ќе биде пливање, со што, освен што ќе го промовираме пливањето, ќе го намалиме и процентот на дечиња со зголемена телесна тежина и со деформитети во растот и развојот.

Отпочнавме процедури за враќање четири сали на федерациите, со што ќе им овозможиме простор на спортистите за секојдневните активности.

А, преку инвестирањето во младинските клупски категории, што исто така планираме да почне да се спроведува во 2018 година, ќе помогнеме на над 240 младински клубови, најдобри во своите категории, да продолжат да го унапредуваат младинскиот спорт.

Ќе го исполниме нашето ветување за нов Закон за спорт, со којшто ќе се обезбеди статус на дејноста спорт и спортистите во нашата земја, стабилни извори за финансирање на дејноста спорт од централниот и локалниот Буџет, како и можност за директна поддршка на спортот со средства од економијата во текот на 2018 година. Ќе ги воведеме ваучерите за реализацијата на намената делот од данокот на добивка за сите спортски клубови и федерации во Македонија.

Наша стратешка цел во спортот е да ги зголемиме средствата за спорт и да ги гарантираме и браниме неговата самостојност и развој. Ќе го воведеме исто така и Фондот за спорт. Идната година ја отпочнуваме постапката за изградба и на домот на спортот.

Сакам да знаете дека националните спортски федерации ја имаат поддршката на Владата во обезбедувањето материјални, функционални, просторни и кадровски услови за работа. Исто така и во креирањето современ национален систем на натпревари и организирање, во којшто приоритет е интересот и потребата на младите и на граѓаните на Република Македонија да спортуваат.

И ќе завршам повторно со Џордан, идол за успех на многу млади, кои се нашата иднина и во спортот како и во државата. Тој рече: Играј, забавувај се и уживај во играта. Јас со моето животно искуство можам само да потврдам дека кога ќе го избереме она во што се чувствуваме корисно и среќно, кога ќе се посветиме до фаза на занесено дете во својата омилена игра, ете тогаш ги постигнуваме најголемите резултати.

Честитки за сите сегашни и идни успешни спортисти. Имате спортски партнер во мене како премиер и во Владата за фер плеј во општеството во кое што и тоа како ги заслужувате своите шанси. Спортот обединува и сплотува, заедно, одиме заедно во нови заеднички победи“.

Би можело да ве интересира

Енди Мареј е новиот тренер на Новак Ѓоковиќ

ВИДЕО: Тренер во Италија полуде поради потег на фудбалер, го нападна на теренот

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Откако се посрамоти, австралиската олимпијка замина во пензија

Предраг Петровиќ

Новинар поднесе оставка поради Винисиус, сосема го заборавил кога гласал за Златната топка

Предраг Петровиќ

Мбапе повеќе не сака да игра за Франција додека Дешамп е селектор

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Рубљев збесна – се удираше и се раскрвави со рекет

Предраг Петровиќ