Поради ефектот што „Визер – Скопски маратон“ го имаше во Македонија и пошироко, оваа година светската рекордерка Пола Редклиф ќе биде негов промотор, информираат организаторите.
Инаку, на агендата на маратонот, кој годинава ќе се одржи на 6 мај, повторно се маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон и трката на 5 километри. Организаторите потсетуваат дека пријавувањето за трките трае до 27 април и остануваат уште само 8 дена заинтересираните да се вклучат на овој традиционален маратон.
Годинава во соработка со Еventbaxx од Германија маратонот воведе дигитален стартен пакет кој ќе ги замени хартиените материјали со цел да се зголеми заштитата на животната средина. Со тоа, во стартниот пакет, во зависност за која трка се пријавени учесниците, се вклучени маици со лого од трката, стартен број со чип, дигиталниот стартен пакет од Eventbaxx, освежување, онлајн-диплома, осигурување од несреќен случај за време на траење на маратонот и подарок од партнерите. За повеќе детали и за пријавување може да се посети официјалната интернет-страница на „Визер – Скопски маратон“ и преку партнерот за онлајн-регистрација за учество на маратонот.
Организаторите на „Визер – Скопски маратон“ ги информираат сите лица што се заинтересирани за волонтирање дека повикот е сè уште отворен и дека може да се пријават на овој линк.
Организацијата на маратонот се реализира со поддршка од Град Скопје, Агенцијата за млади и спорт, Делегацијата на ЕУ, спонзорите и партнерите.