Правни непознавања, префрлање одговорност и политика на голема врата го одбележува случајот со КК Работнички и исфрлувањето во трета лига.
Комесарот на првата македонска кошаркарска лига Бобан Јосифовски соопшти дека има рок од 24 часа за да одлучи каква ќе биде судбината на Работнички.
Од арбитражната комисија која го испитувала случајот добил писмен одговор каде што пишува дека се укинува неговата одлука за суспензија на Работнички и автоматско префрлање во трета лига.
Според комесарот на лигата, арбитражната комисија ја префрлала одговорноста за одлуката за КК Работнички кај него. Според правилникот на КФМ, потегот на Работнички е за во трета лига, но според Јосифовски, џентламентски договор на сите прволигаши може единствено да го спаси најтрофејниот клуб.
Предлогот на Јосифовски е сите прволигаши на писмено да достават потпис и печат дека се согласуваат Работнички да остане во прва лига и само така комесарот ќе ставел и својот потпис за да клубот не се најде во трета лига а тој да не биде нечие жртвено јагне кое постапило спротивно на правилникот.
За 24 часа комесарот Бобан Јосифовски ќе се обиде да ги обедини клубовите за да го спасат Работнички што значи 9 прволигашки потписи за согласност без да се вмеша политика.
Доколку не се согласат сите клубови со потпис и печат, Јосифовски најави дека ќе поднесе оставка на позицијата комесар на лигата, а за судбината на Работнички да одлучува некој друг.
Јосифовски во своето излагање оградувајќи се од политички притисоци рече дека неговиот интерес е Работнички да остане во прва лига, а да ги сноси сите санкции што дисциплинската комисија при КФМ ќе ги изрече врз клубот од Градски Парк.
Според Јосифовски суспензија го очекува и тренерот на Работнички, Марин Докузовски кој ја повлекол екипата од терен, а казната за ова била и суспензија до 3 години да не може да се извршува тренерска функција. Освен за Докузовски, парична казна ќе има за Работнички како и за управата за која Јосифовски рече дека не заслужува да биде на раководните позиции.
Меѓу незадоволството од актуелните ситуации во кошарката, Јосифовски се осврна и на состојбата во КФМ. Тој смета дека претседателот на кошаркарската федерација Даниел Димевски треба да си поднесе оставка на позицијата а се додека политички инструирани лица се на челните позиции во клубовите кошарка во Македонија нема да има.