Руската државна корпорација Ростех, која менаџира со извозот на оружје од земјата, денеска го претстави прототипот на новиот авион-ловец со стелт технологија, кој е дело на инженерите на производителот „Сухој“ и ќе се продава во странство под називот „Шах-мат“ (Checkmate).
Спектакуларното претставување на авионот, на кое присуствуваше и претседателот Владимир Путин, се случи на првиот ден од Саемот МАКС-2021, посветен на авијацијата.
Според Ростех, новиот ловец со еден мотор, кој може да развие брзина двојно поголема од брзината на звукот, ќе се произведува во две варијанти: како двосед и како беспилотно летало.