Колаж од снимки од тренинзи и натпревари на Лука Дончиќ направени во 2013 година, кога словенечкиот кошаркарски ас со светски талент имаше само 14 години, неделава станаа хит на Јутјуб и на социјалните мрежи.
На снимките, кои главно се досега необјавени, и покрај младоста на Лука, може да се забележи неговото вонсериско кошаркарско чувство. Дончиќ, кој се претвора во вистинска ѕвезда во НБА лигата, во времето кога се снимени видеата, веќе беше член на Реал Мадрид – клубот со кој само неколку години подоцна ќе ги оствари првите големи успеси. На дел од снимките, пак, Лука тренира во родната Словенија и игра баскет на кош во својот двор.
Лука за својата кошаркарска способност може да им се заблагодари и на гените: неговиот татко Саша Дончиќ е кошаркарски тренер и поранешен интернационалец со искуство во клубови од Србија и Франција.
Само седум години откако се направени овие снимки, 21-годишниот Словенец, кој лани беше избран за најдобар дебитант во НБА, продолжува да соборува рекорди и да го покажува својот раскошен талент во најсилната кошаркарска лига во светот. Неговиот Далас пред неколку дена испадна во првото коло од плејофот од тимот на Лос Анџелес Клиперс, но нема сомнение дека Дончиќ ќе има уште многу можности за трофеи и во НБА лигата.