Крилниот центар на Денвер беше најдобар на теренот во победата на екипата на Чарлс Баркли над таа на Шекил О’Нил од 163:135 во првата вечер од Ол стар викендот во Хјустон.
Кенет Фарид настапот на дуелот помеѓу најдобрите млади играчи кои во НБА влегоа последниве две години го искористи како загревање за натпреварот во забивање, од кој исто така ќе биде дел вечерва во Хјустон.
Благодарение на 40 поени и десет скокови за 22 минути на теренот на крилниот центар на Нагетси, кој погоди 18 од своите 22 обиди од поле, Тим „Чак“, кој беше составен од Чарлс Баркли, со убедливи 163:135 го прегази тимот кој беше составен од страна на уште една НБА легенда, Шекил О’Нил.
Плејот на Сакраменто Ајзеа Томас додаде 18 поени и 10 асистенции за победничката екипа, додека ланскиот МВП на овој меч, Кајри Ирвинг од Кливленд со 32 поени го предводеше Тим „Шек“.
Пред дуелот на младите НБА ѕвезди, Ол стар викендот во Хјустон беше отворен со натпреварот помеѓу славните личности во кој во центарот на вниманието беа светскиот рекордер на 100 и 200 метри Јусеин Болт и комедијантот Кевин Харт, кој ја одбрани МВП титулата освоена на минатиот Ол стар.