Женскиот ракометен првак на Македонија, ЖРК Вардар СЦБТ денеска го игра вториот натпревар од групата Д од Лигата на шампионите. Во Скопје ќе гостува европскиот вицешампион Ларвик, екипа која во 2011 година беше и европски првак и која последните сезони постојано е во завршницата од најквалитетното женско натпреврување.
По стартната победа на гостувањето кај Бера Бера, ракометарките на македонскиот првак ќе ја имаат вистинската проверка на силите за оваа сезона.
Со трпелив напад можеме да стигнеме до триумф, а со тоа и ќе ни се зголемат шансите за влезе во следната фаза. Целта во оваа група е да се освои едно од двете први места. Затоа следните натпревари двата со Подравка и дуелот со Бера Бера во Скопје ќе бидат клучни за нашиот пласман, изјави Индира Кастартовиќ, тренерот на ЖРК Вардар СЦБТ.
Во таборот на македонскиот првак нема проблеми со повреди и Кастратовиќ ќе може да избира за дуелот со Ларвик. За разлика од „црвено-црниот“ состав, екипата на Ларвик во Скопје ќе се појави без најдобриот играч голманот Сесил Легангер, која се повреди на дуелот од 1.коло со Подравка.
Натпреварот ЖРК Вардар СЦБТ – Ларвик се игра во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 18:30 часот. Ова ќе биде првиот натпревар од 2.коло од женската ракометна Лига на шампионите, а другите ќе се одиграат во текот на викендот.