Ракометарките на Вардар по денешната ждрепка и добивање на актуелниот европски првак ЧСМ Букурешт за противник во полуфиналето на завршниот турнир од Лигата на шампионите, сметаат дека треба да се фокусираат на сопствената игра и да не размислуваме за противникот.
– Не би знаела што да кажам. Секој тим на Ф4 е многу силен. Секој натпревар е нова приказна, Лани играме и сега повторно ривал ни е ЧСМ Букурешт. Ние сакаме да одиме таму и да се бориме. Да покажеме силен карактер, ќе биде тежок натпревар, како на секој Ф4, сакам само да одиме таму, да уживаме во играта. Се надевам дека кончено ќе се пласираме во финалето. Се боревме за ова многу секој ден, ќе тренираме уште повеќе, ќе се подготвиме за овој дуел. Се надевам дека со малку среќа ќе се пласираме во финалето, изјави голманот на „црвено-црните“ Амандин Лејно.
Македонската репрезентативка Сара Ристовска очекува конечно пласман во финалето по трите неуспешни обиди во претходните три сезони.
– Навистина ми е драго што повторно ќе бидеме дел од Ф4. Мислам дека ова е само една пречка од 60 минути, што цела година работиме, се мачиме и на крај доаѓаме до Ф4, тоа го посакуваме долго време. Како што кажа Лејно, премногу го посакуваме тоа финале, секако дека мораме да ги одиграме во полуфиналето. Мораме многу добро да се подготвиме за да дојдеме до посакуваното. Полуфиналето е само еден натпревар. Се надевам дека се ќе биде во најдобар ред, дека ќе бидеме сите без повреди до 6 мај и дека ќе одиграме како што посакувате сите и како што очекувате од нас, нагласи Ристовска.
Во второто полуфинале од ЛШ ќе играат Будуќност и Ѓер.
Натпреварите од полуфиналето на ЛШ се закажани за 6 мај во Будимпешта. Дополнително ќе се утврди саатницата на полуфиналните натпревари, однапред утврдени термини се 15 часот и 17:45 часот.