Женскиот ракометен првак на Македонија Вардар во недела го игра натпреварот од 4.коло од Б групата од Лигата на шампионите. Во Скопје гостува хрватскиот тим Подравка против кого ЖРК Вардар изминатиов викенд постигна тешка победа (27:26) на гости. Тоа беше втората победа за нашиот тим во групата.
Во пресрет на неделниот дуел на денешената прес конференција тренерот Индира Кастратовиќ рече дека се работи за важен натпревар и оти очекува победа.
– Од претходните три натпревари што ги одигравме не сум задоволна од формата, но се надевам дека екипата ќе влезе во потребниот ритам. Како и секогаш одбраната е клучна за да победиме, но во нападот мораме да мислиме да играме колективно. На неделниот натпревар ќе настапиме со истиот состав. Доколу имаме сигурна предност шанса на овој натпревар ќе добијат и помладите, истакна Кастратовиќ.
Хрватската интернационалка во редовите на ЖРК Вардар Маја Зебиќ, која долги години беше член на Подравка, исто така очекува победа на неделниот дуел со својот поранешен клуб.
– Подравка е добар тим, но тие одиграа добро „прво полувреме“ на дуелот на домашен терен и сметам дека тоа нема да можат пак да го повторат и дека на неделниот натпревар нема се да им тргне од рака, рече Зебиќ.
Натпреварот ЖРК Вардар – Подравка се игра во недела со почеток во 19 часот во СЦ „Јане Сандански“. Во ланската сезона овие два тима играа исто така во групната фаза, а ЖРК Вардар постигна две победи (39:26 и 35:17). Вториот натпревар од групата Будуќност – Турингер се игра во исто време истотака во недела.