Ракометарките на Вардар в петок во Скопје против Битхајм ќе имаат шанса да го потврдат првото место во групата од Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ на овој дуел влегуваат како големи фаворити и секој исход освен победа ќе биде големо изненадување.
– Добро го познаваме противникот. Претходниот натпревар го добивме со голема разлика, иако првиот дел не беше лесен. Треба да играме перфектно за да победиме, и да ја решиме нашата задача во групата. Н апретходниот натпревар во Мец загубивме само порадите нашите грешки. Ни треба поддршката од трибините од сите, да бидеме сложни сите заедно дури и кога губиме. Треба да го вратиме победничкиот дух и да останеме на првото место, изјави тренерот Ирина Дибирова.
Победа за вардарки и освојување на 1. место ќе значи ривал за ривал во ТОП-8 фазата четвртопласираниот тим од првата група.
На првиот натпревар на почетокот на февруари во Германија македонскиот шампион победи со 38:26, па капитенот Јованка Радичевиќ со право очекува триумф и во Скопје.
– Сакаме само да победиме и на тој начин да го решиме првото место во групата. Со нашата добра енергија, добра одбрана ќе треба да стигнеме до победа, вели Радичевиќ.
Натпреварот в петок се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19 часот.