Ракометарките на ЖРК Вардар со дуелот против германскиот Лајпциг, на гостински терен, денеска ги започнуваат натпреварите од втората фаза во Лигата на шампионите.
Во оваа фаза од елитната лига, македонските шампионки ќе одиграат шест натпревари, (дома-гости), а покрај со вечерашниот противник, екипата на Лајпциг, црвено-црните ќе играат и против Крим Меркатор од Словенија и руската екипа Динамо од Волгоград.
Цел на црвено-црните е освојување на едно од четирите места кои носат пласман во четвртфиналето.
Вечерашниот дуел меѓу Лајпциг – ЖРК Вардар ќе започне од 19 часот и 30 минути, а останатите два од групата „1“ ќе се играат утре. Во нив се среќаваат, Динамо Волгоград – Будуќност и Крим Меркатор – Турингер.
Со пренесените три бодови од првата фаза вардарки се четврто пласирани во оваа конкуренција, зад: Будуќност (7 бодови), Динамо Волгоград (6), Лајпциг (4), а пред Крим Меркатор (2) и Турингер (2).
Во групата „2“ двојките за првото коло се: Савенхоф – Баја Маре, Ѓер – Ларвик (недела) и Виборг – Мец (понеделник).
Табела: Ѓер 8 бодови, Ларвик 8, Мец 4, Виборг 3, Савенхоф 1 и Баја Маре 0
Од двете нови групи, во четвртфиналето ќе се пласираат по четири тима и ќе играат по системот 1-4 и 2-3, а потоа следува „Фајнал-фор’’ турнирот на 9 и 10 мај во Будимпешта.