Денешната ждрепка за квалификациите за Лигата на шампионите за противник на нашиот шампион во второто коло му ја донесе екипата на БАТЕ Борисов, противник кој „црвено-црните“ најмалку го посакуваа.
Својот обид за што подобра презентација во квалификациите за Лигата на шампионите Вардар ќе го започне на 17. или 18. јули пред домашните навивачи на Арената „Филип II Македонски“ во Скопје.
БАТЕ Борисов во сезоните 2009/10 и следната, 2010/11 беше дел до групната фаза во елитното европско клупско натпреварување, токму поради тоа Белорусите се сметаат за фаворити во овој двомеч од кој реваншот се игра седум дена подоцна на Градскиот стадион во Борисов.
Нашите преставници Ренова, Металург и Шкендија во првото квалификациско коло во Лига Европа добија противници по мерка за оваа фаза од натпреварувањето.
Актуелниот освојувач на фудбалскиот Куп на Македонија, Ренова за противник го доби претсваникот на Сан Марино, екипата на Либертас.
Вицепрвакот на Македонија, Металург натпреварите во Лига Европа ќе ги отвори во Малта против екипата на Биркиркара, додека Шкендија ќе игра против Портдаун тим кој доаѓа од Северна Ирска.
Првите натпревари ќе се одиграат на 5-ти јули, а реваншите се закажани за 12-ти јули.