Ракометарите на Вардар ја остварија втората победа во плеј офот од Супер лигата откако денеска во дуелот од 2.коло го победија градскиот ривал Работнички со 38:26 (22:16).
Работнички беше домаќин на натпреварот што се одигра во СЦ „Јане Сандански“. Најефикасни кај Вардар беа Дејан Манасков со 6 голови и Лука Циндриќ со 5, додека за Работнички Златко Мојсоски постигна 7 голови.
Овој натпревар се одигра ден порано бидејќи македонскиот првак Вардар во сабота го игра првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите дома со унгарски Веспрем.
Другите два натпревара од 2.коло се играат утре. Металург во салата „Автокоманда“ ја пречекува екипата на Охрид 2013, а натпреварот почнува во 18 часот, додека во Струмица, Макс Струмица е домаќин на Прилеп 2010. Почетокот на овој дуел е во 20 часот.
Вардар со максимални 6 бодови е прв на табелата.