Ракометарките на ЖРК Вардар вечерва остварија важна победа на гостувањето во Романија во дуелот од 8.коло од ракометната Лига на шампионите. ЖРК Вардар постигна победа над Букурешт со 30:25 и со 10 бодови се зацврсти на третото место на табелата во групата 2.
Во првиот дел освен водството од 1:0 и нерешениот резултат 1:1 домашната екипа немаше позитивен резултат бидејќи ЖРК Вардар постигна пет голови и поведе со 5:1 во осмата минута. Букурешт успеа да намали на 5:4, но „вардарки“ брзо дојдоа и до предност од пет голови (11:6). ЖРК Вардар имаше во два наврати и седум голови разлика (16:9 и 17:10) , а на полувремето резултатот беше 17:11 за македонскиот првак.
Романската екипа во три наврати успеа да намали на три разлика (17:20, 20:23 и 22:25), а во тие моменти одлични на голот на двете екипи беа Оливеира Песоа (Букурешт) и Амадин Лејно (Вардар). До крајот на натпреварот ЖРК Вардар без поголеми проблеми ја зачува разликата од 3-5 голови разлика и оствари победа важна за обезбедување на третата позиција во групата 2.
Најефикасни на дуелот беа Андреа Лекиќ со 9 голови и Андреа Пенезиќ со 7 (6 во првиот дел).
Табела: Будуќност 13 бодови, Ѓер 11, ЖРК Вардар 10, Букурешт 7, Митјиланд 5, Савехоф 2.