Македонскиот ракометен шампион Вардар попладнево одигра нерешено 30:30 во реванш четвртфиналето од Лигата на шампионите на гостувањето кај Веспрем и по поразот на домашен терен пред седум дена со 29:26 не успеа да се пласира на „завршниот турнир“ во Келн.
Ова за „вардарци“ беше трета можност да играат во полуфиналето од Лигата на шампионите, но трета година по ред се запрени во четвртфиналето.
Вардар добро го почна натпреварот и по 1:1 во 10. минута нашиот шампион имаше водство од 6:2. Оваа предност од четири разлика нашиот шампион ја имаше уште трипати во првиот дел – 10:6 (17.минута); 13:9 (27) и 14:10 (28). До крајот на првиот дел Веспрем успеа да намали на 12:14.
Домашниот тим подобро го почна второто полувреме и веќе во 34. минута изедначи на 15:15. Подемот во играта кај Веспрем продолжи и во 40. минута домаќинот за првпат поведе со 19:18. Унгарскиот првак имаше постојано водство од еден гол разлика до 57. минута, кога Вардар повторно поведе, но немаше сили и време за посакуваната победа од три голови разлика. На крајот натпреварот заврши без победник 30:30.
Најефикасни кај Веспрем беа Момир Илиќ со 9 голови и Ласло Наѓ со 7, додека кај Вардар најпрецизни беа Алекс Душебаев со 5, а Лука Циндриќ и Данил Шишкарев постигнаа по 4.
Мирко Алиловиќ кај Веспрем имаше 12 одбрани, а Арпад Штербик кај Вардар 8.