Женскиот ракометен првак Вардар одигра нерешено 24:24 со црногорскиот првак Будуќност во 5.коло од Лигата на шампионките.
Вардар го имаше последниот напад за победа, но не успеа да реализира. Сепак конечниот резултат и освоениот бод може да се смета за успех со оглед на проблемите кои тренерот Индира Кастратовиќ ги имаше со составување на тимот, а хендикеп плус беше и повредата на Андреа Лекиќ во 10. минута.
По едно полувреме им припадна на двете екипи на дербито во СЦ „Јане Сандански“. Гостинките од Црна Гора беа подобри во првите 30 минути кои го решија во своја корист со 11:9, а во вториот дел вардарки стартуваа фуриозно и со серија од четири голови го свртија резултатот во своја корист.
Андреа Пенезиќ со 8, Алена Ихнева и Сираба Дембеле со по 5 голови беа најефикасни во домашниот состав. Голема заслуга за освоениот бод има и голманот Ина Суслина со 15 одбрани.
Кристина Неагу со 7 голови беше најзабележлива во екипата на Будуќност.
Во групата Б по пет кола на табелата води Будуќност со 9 бодови, Вардар има 7, Турингер 4, Подравка 0.