Македонскиот ракометен шампион Вардар вечер е домаќин на словенечкиот тим Цеље во дуел од 13.коло на регионалната СЕХА лига.
Тренерот Раул Гонзалес и играчите имаат желба со победа да ги завршат настапите на домашен натпревар за 2016 година.
– Ова е веќе трет натпревар против Целје оваа сезона, досега победувавме, но тоа треба да го заборавиме и да ја искористиме нашата шанса. Сега сме во добар момент, одигравме нерешено со Веспрем таму, прво место сме на табелата и треба да играме за победа. Немаме притисок, зашто мислам дека со сигурност ќе играме на Ф4 турнирот. Знаеме дека ќе биде тешко, зашто кога играш против Целје мора да дадеш 100 отсто, зашто тие имаат многу добар контранапад, играат многу брзо сите ракометари, особено крилата. Сепак знам дека ќе одиграме многу добар натпревар зашто сите се спремни, изјави Гонзалес.
Вардар е прво место на табелата и неспорен фаворит против словенечкиот првак. Натпреварот во „Јане Сандански“ почнува во 20:30 часот.