Македонскиот шампион Вардар денеска од 17 часот и 45 минути на домашен терен игра натпревар од 4.коло во ракометната СЕХА лигата, а со победа „црвено-црните“ ќе го преземат првото место на табелата.
Во Скопје ќе гостува словачкиот шампион Татран Прешов, екипа која важи за незгоден ривал за Вардар, особено што лани во Скопје постигна победа.
Татран и оваа сезона беше на прагот да избори учество во Лигата на шампионите, но беше запрен од Динамо Минск.
За тимот на тренерот Зоран Кастратовиќ ова е прв од серијата од три натпревари од СЕХА лигата, бидејќи во сабота и гостуваат на Војводина во Нови Сад, а во вторник во Скопје доаѓа Нексе.
Сите овие дуели се како подготовка за пресметката од Лигата на шампионите со ПСЖ закажана за 13 октомври.
Вториот македонски претставник во ова натпреварување, тимот на Металург вчера во натпревар од 4.коло постигна победа над Борац во Бања Лука со 26:22.
На чело на табелата е Загреб со 9 бодови, Вардар и Металург имаат по 7, а Татран Прешов, Нексе и Војводина по 6.