Светското првенство во ракомет за жени – кадетки „Македонија 2014“ мина во најдобар ред, како организациски така и на спортски план, благодарение на работата што ја сработи Ракометната федерација на Македонија. Одлуката Македонија да биде домаќин се покажа како одлична, првенството беше реализирано на врвно ниво.
Тоа се оценките на Светската ракометна федерација по однос шампионатот што изминатите 15 дена се одржуваше во Македонија, а чија завршница е предвидена за попладнево.
Санди Шола, заменик-претседателот на Светската ракометна федерација, на денешната завршна прес-конференција на шампионатот одржна во Охрид, истакна дека особено радува што воопшто немало забелешки од страна на играчите и тимовите учесници на првенството, што е впрочем и најважниот дел од организацијата на вакви спортски настани.
– Сето тоа не прави мошне задоволни и во целост се остварени нашите очекувања. Задоволни сме од презентираниот ракомет, со настапите на тимовите, видовме мошне добар ракомет. Оттаму уште еднаш благодарност до сите вклучени во организацијата, со уверување дека наскоро повторно ќе се видиме во Македонија на некое слично натпреварување, истакна Шола.
По однос судискиот дел од првенството претставникот на Судскиот одбор на ИХФ Манфред Краус истакна дека огромно е задоволството што во сите досега одиграни 98 натпревари немало ниту една официјална забелешка на начинот на кој е делена правдата на терените.
Живко Мукаетов, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, појасни дека за Светското првенство работел проширен организациски тим, составен од над 800 гости, како учесници, делегати, судии и официјални лица.
– Учествуваа 24 репрезентации, одиграни се сто натпревари, релаизирани се над 400 тренинзи на тимовите кои играа на шампионатот. Имаме букирано над 9500 хотелски пансиони, луѓе кои по основ на првенството беа тука во Македонија. Самото првенство се реализираше во три града, со координатори во секој од нив и со по 40 лица задолжени како технички персонал на терен, сто лица во локалните организациски комитети, истакна Мукаетов.
Според него, доста е важно, што на првенството се забележни бројни посети на веб-стрницата од над 35 илјади влеза, над 13 илјади користени содржини и над десет илјади влеза на лајв-стимовигте, односно луѓе кои преку Интернет ги следеле натпреварите од првенството.
– Се надевам дека сработеното придонесе за дополнителна афирмација на Македонија, дека се покажавме како добри домаќини, како земја, ракометна федерација која знае да организира вакви настани и сме сподготвени и во иднина да организираме слични натпревари, истакна тој.
Финалните натпревари од Светското првенство во ракомет кадети – жени ќе се одиграат попладнево во Спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, со почеток од 14:30 часот и натпреварот за трето место меѓу репрезентациите на Црна Гора и на Данска, додека победникот на шампионатот ќе биде познат по финалниот натпревар меѓу Романија и Германија што е програмата од 17 часот.