Предводени од трипл-даблот на Ражон Рондо но и последните 9 поени на својата екипа Селтикси со 85:75 ја добија мајсторката со Филаделфија и се пласираа во финалето на Истокот.
Играјќи на свој терен Селтикси не дозволија изненадување во мајсторката која не беше убава на око, а која на крајот ја реши Ражон Рондо со својата одлична игра во последната четвртина.
Плејот на Бостон средбата ја заврши со 18 поени и по десет скокови и асистенции за свој 9. трипл-дабл во плејофот, а клучни беа неговите 11 поени во последната четвртина, сите откако Пол Пирс ја доби својата шеста лична грешка.
Кевин Гарнет го следеше Рондо со своите 18 поени и 13 скокови, а во последниот период се разбуди и Реј Ален, кој постигна две важни тројки по петте непрецизни обиди едноподруго.
Ален средбата ја заврши со 11 поени, а Пирс постигна 15 поени и имаше осум скокови пред да ја направи шестата лична. Брендон Бас со 16 поени одлично го надополни ефектот на првата петорка на Бостон, која постигна 78 од 85-те поени на тимот.
Кај Филаделфија, која имаше шут од игра од мизерни 35%, најефикасен беше Андре Игудала со 18 поени, следен од Елтон Бренд и Џару Холидеј, кои дадоа по 15 поени. Тие тројца беа и единствените двоцифрени кај Сиксерси, кои со пласманот во втората рунда, а потоа и играњето седум натпревари со Бостон ги надминаа очекувањата.
Сега следно за Селтикси е финалето на Истокот, кое почнува веќе во понеделник, а во кое тимот на Мајами ја има предноста на домашниот терен.