Македонскиот автомобилист Игор Стефановски – Иџе заврши на третото место на втората денешна трка во португалскиот град Вила Реал. Оваа трка беше прекината откако беа извозени четири кругови, а во два наврати безбедносното возило беше на патеката. На првите две места до прекинот беа: Жолт Сабо од Унгарија и Пламен Кралев од Бугарија.
Поради прекинот возачите ќе го имаат пласманот што го имаа во моментот на инцидентот кога Крисјоханес Шрајбер удри во заштитната ограда. Претходно инцидент имаше и Норберт Наѓ.
Во очекување на официјалните резултати поради прекинот на втората трка возачите најверојатно ќе добијат половина од предвидените поени. Инаку, нема официјални резултати поради неправилностите и во првата трка кога во последниот свиок домашниот возач Хозе Родригез неправилно го мина Стефановски, а исто беше и во борбата за првата позиција. Стефановски првата трка ја заврши на четвртото место.
Организаторот нема уште објавено официјални резултати од двете трки.