„Тојота“ ќе ги купи преостанатите 48,8 отсто од акциите на производителот на автомобили „Даихатсу“ и на тој начин ќе стане стопроцентен сопственик на оваа марка, информираа од најголемата јапонска автомобилска компанија.
Договорот ќе биде финализиран во август, најавија првите луѓе на „Тојота“, која во моментов поседува 51,2 отсто од сопствеништвото на компанијата „Даихатсу“. Засега не е соопштено колку оваа трансакција ќе го чини најголемиот светски производител на автомобили, но се шпекулира дека станува збор за сума од околу 3,2 милијарди долари.
Кога преземањето ќе заврши, „Тојота“ и „Даихатсу“ ќе усвојат единствена стратегија за производство на возила од сегментот на мали автомобили. „Даихатсу“ ќе биде задолжен за развојот на мали патнички возила, а тие подоцна ќе се произведуваат и продаваат под различни амблеми, при што двата бренда ќе ги задржат своите специфики.
„Тојота“ и „Даихатсу“ ќе ја делат технологијата веќе од фазата на концептни автомобили. „Тојота“ ќе се фокусира на прашањата на безбедноста, заштитата на житовната средина, комфорот во возењето и искуствата на корисниците, додека „Даихатсу“ своите напори ќе ги насочи кон развојот на технологијата која ќе придонесе за намалување на трошоците за производство и потрошувачка на гориво.
Договорена е и заедничка логистика на пазарите во развој.