Јапонскиот производител на автомобили „Тојота“ се обидува да реши еден од најголемите проблеми во прегледноста на автомобилите.
Покрај тоа што има за цел да ги обликува автомобилите на начин да бидат попривлечни за окото на купувачите, дизајнерите имаат задача возилата да ги направат и попрактични во возењето.
Еден од проблемите со кои возачите на современите модели на автомобили се соочуваат се широките предни носачи на покривот или таканаречените „А“ столбови. Последните неколку децении, „А“ столбовите беа значително проширени од безбедносни причини, па при свртувања на крстосниците и во возење низ остри кривини на отворен пат зад нив лесно „се кријат“ пешаци или дури и цели возила.
Оделни производители на автомобили веќе се обидуваа овој недостаток да го решат на адекватен начин, па така компанијата „Јагуар Ланд Ровер“ (ЈЛР) во 2014 година ја разви технологијата „360 Виртуал Урбан Виндскрин“ што на возачот му овозможува да го види патот пред себе како да нема „А“ столбови.
„ЈЛР“ секако не направи овие столбови да исчезнат, нити навистина да станат провидни, но со помош на надворешни камери на возачот му овозможи со слика што се проектира на внатрешноста на покривните носачи (А и Б столбови), да види што се случува надвор од возилото.
По стапките на „Јагуар Ланд Ровер“ тргна и „Тојота“, која неодамна во Американскиот патентен завод ја пријави сопствената идеја за решавање на овој проблем.
Деталите за патентот на „Тојота“ не се соопштени, но се наведува дека станува збор за поинаква технологија од онаа што ја користи „ЈЛР“ и место камери се користи систем на огледала што ја прекршуваат сликата на дел од околината што од преспектива на возачот не се гледа од „А“ столбот.
Како што е вообичаено кога станува збор за патентни цртежи од овој вид, не е можно со сигурност да се тврди дека решенето на „Тојота“ некогаш ќе се примени во сериските модели, но извесно е дека во годините што следат ќе се видат уште обиди „А“ столбовите визуелно да се неутрализираат.