Штандот на „Тојота“ на годинешниот Саем на автомобили во Франкфурт во целост ќе биде посветен на моделите со хибриден погон.
Централно место на оваа манифестација ќе заземе спортскиот „Јарис Хибрид-Р“.
„Тојота“ над 40 години истражува и развива еколошки решенија во транспортот. Како резултат на тоа, компанијата постигна значаен напредок во дизајнот и производството на хибридни погонски агрегати.
Иако е стара 16 години, оваа технологија „Тојота“ ја направи светски лидер, со асортиман од 23 хибридни возила што се продаваат во 80 земји и региони ширум светот.
Вкупната светска продажба на хибридите на „Тојота“ и „Лексус“ на крајот на јули 2013 година надмина 5,5 милиони возила, од што повеќе од 10 отсто се продадени во Европа.
Во „Тојота“ пресметале дека оваа глобална флота веќе заштедела околу 12 милијарди литри гориво и 34 милиони тони ЦО2 во споредба со возилита со конвенционален погон.Но, тоа е само почеток на приказната.
На Саемот на автомобили во Франкфурт, „Тојота“ ќе открие во кој правец ќе се движи хибридната технологија во иднина.
Еден од автомобилите што треба да ги најави новите технолошки решенија на хибридните возила е „Јарис Хибрид-Р“, а станува збор за концепт темелен на „Јарис“ со три врати. „Јарис Хибрид-Р“ има хибриден погонски агрегат што е спој на 1.6-литарскиот Глобал Рајс Енџин (ГРЕ) мотор, развиен од страна на „Тојота Моторспорт“ одделенијата, и два силни електрични мотора што овозможуваат погон на четири тркала.
„Тојота“ има намера да продолжи со развојот на овој вид возила, па така до крајот на 2015 година ќе претстави 16 нови или освежени хибриди.
Јапонската компанија верува и дека хибридните возила со водородно гориво се решение што во иднина ќе имаат примат.
Пред лансирањето на првиот сериски автомобил во 2015 година, „Тојота“ во Франкфурт ќе покаже колку напредувала со развојот на оваа технологија.