Доаѓањето на Ерик Тен Хаг на клупата на Манчестер Јунајтед, фановите на клубот од „Олд Трафорд“ го очекуваат како еден вид пресвртница. Се надеваат дека Јунајтед ќе игра слично како Ајакс, кој воодушевуваше со настапите во Лигата на шампионите во претходните сезони.
Холанѓанецот за почеток воспостави нови правила кои стапуваат на сила од првиот ден од подготовките и ќе траат во текот на целата сезона.
Новиот менацер на „црвените ѓаволи“ наредил должината на тревата на теренот на „Олд Трафорд“ да биде точно 15 милиметри за да може идеално да се спроведува играта со многу додавања што тимот ќе ја форсира.
Дополнително, подготовките на австриските Алпи нема да бидат „суви“, само со здодевно трчање, бидејќи практично сите вежби ќе се прават со топка, што не беше секогаш случај со претходните тренери.
Тен Хаг ја врати и праксата на сер Алекс Фергусон, тимот да јаде заедно по тренингот со цел играчите да се дружат и да изградат тимски дух. Досега играчите јадеа кога сакаа, а сега со нив ќе јаде и целиот стручен штаб. Ова потсетува на враќање на корените, но единствено мерило сепак ќе бидат резултатите на теренот.