„Ауди“ ја претстави втората генерација на моделот „А5 Купе“, што според оценките на многумина љубители на автомобили, е еден од најубавите возила во гамата. Дали новиот „А5 Купе“ ќе биде достоен наследник на оригиналниот модел?
На прв поглед, заминувачкиот и новиот „Ауди А5 Купе“ визуелно речиси и да не се разликуваат. Тоа не е никакво изненадување кога се знае каква е политиката на дизајнирање на моделите на овој производител. Разликите, секако, постојат, но тие се во деталите и финесите.
Иако силуетата на автомобилот и неговите пропорции речиси се непроменети, предниот дел доби поагресивна нота, благодарение на пошироката маска на ладилникот со нагласената шестаголна форма и закосените фарови. Впечатокот на динамичноста и силата на автомобилот е засилен со наборите на хаубата, кои претходно ги немаше.
Разликата меѓу двете генерации е помала кога „А5 Купе“ се набљудува одзади, каде дискретно се променети изгледот на браникот и дизајнот на стоп светлата.
Од визуелните разлики, побитни се оние механичките, а новиот „Ауди А5 Купе“ ги има на претек. Втората генерација е поставена на „МЛБ ево“ механичка платформа, што во старт придонесе автомобилот да биде полесен и за 60 килограми, иако е подолг за околу 4,5 сантиметри од својот претходник, а и малку поширок.
Унапредена е и аеродинамиката на возилото, па „Ауди“ се пофали дека со коефициент на отпор на воздухот што изнесува 0,25, новиот „А5“ е водечки во својата класа.
На почетокот, моторизацијата ќе ја сочинуваат два бензинца и три дизелаши. Основната бензинска верзија погон ќе добива од четирицилиндарски 2.0-литарски мотор со 187 кс. Покрај него во понудата ќе биде и агрегат со иста зафатнина, но со 248 „коња“.
Базниот дизел модел е четирицилиндерски 2.0 ТДИ, што, исто така, ќе произведува 187 кс, а на купувачите на кои тоа нема да им биде доволно ќе можат да избираат меѓу еден од двата 3.0 В6 ТДИ мотори – со 215 или 268 кс.
„Ауди“ засега не ги објави деталните спецификации, а повеќе податоци се очекуваат во пресрет на официјалната саамска премиера што ќе се одржи на салонот на автомобили во Париз, на почетокот на есента.
Потоа ќе почне и продажбата, прво во Германија, а потоа и во останатите земју од Европа.
Цената ќе биде соопштена дополнително.