По успешните настапи во последната рунда од Лигата на шампионите, на двете најдобри македонски ракометни екипи, Вардар и Металург, им претстои меѓусебниот дуел во регионалната СЕХА лига.
На денешната прес-конференција капитенот на Вардар, Стојаче Стоилов истакна дека средбите со Металург секогаш предизвикуваат внимание.
– Ова дерби на СЕХА лигата и воопшто овие дуели секогаш биле интересни. По киксот во Загреб ние сме пак на победничките патеки и сакаме серијата да потрае, рече Стоилов и ги повика навивачите да дојдат во салата и да ја подржат кампањата на СЕХА лигата „Биди 8 играч“.
Тренерот на „црвено-црните“ Раул Гонзалес информира дека на мечот со Металург нема да смета на Илија Абутовиќ и Игор Карачиќ.
– Секој натпревар со Металург е дерби. Ова ќе биде можност за проверка на формата, а кај нас нема да настапат Карачиќ и Абутовиќ. За нас најважно е да останеме на прво место, а тоа значи прво мора да мислиме на Металург, а потоа и на натпреварот со Рајн Некар од Лигата на шампионите, истакна Гонзалез.
Натпреварот Вардар – Металург се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17 часот и 45 минути.