Локалната самоуправа на Кочани објави конкурс за доделување стипендија за спортист–спортска надеж за остварени спортски резултати и достигнувања во 2017 година.
Право да се пријават имаат жители на општината на возраст од 17 до 20 години, кои се членови на спортски клуб, друштво или асоцијација регистрирана во Агенцијата за млади и спорт со решение за вршење дејност спорт.
Од Секторот за општи, правни и јавни дејности истакнуваат дека кандидатите треба да се членови на национални спортски федерации, спортисти во индивидуални и во екипни спортови, учесници на национални или на меѓународни систем натпревари во борење, велосипедизам, гимнастика, карате, кошарка, скијање, тенис, триатлон, фудбал или шах.
Месечниот износ на стипендијата е три илјади денари, а ќе се доделува шест месеци, од април до септември. Средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Кочани за 2018 година.
Рокот за поднесување на потребната документација е до 28 март, a постапката за доделување стипендија на спортист-спортска надеж е уредена со Правилник според кој изборот ќе го спроведе комисија.