Македонскиот автомобилист Игор Стефановски – Иџе забележа нова победа и по вчерашниот триумф во Швајцарија е на чекор до одбрана на европската титула во автомобилизам на ридски патеки.
– Ова беше исклучително тешка трка, поради временските услови. Морав да ризикувам на влажната патека бидејќи немам намера да се откажам од европскиот трон. Според моите пресметки потребен ми е уште само еден бод за одбрана на титулата и ќе направам се да го освојам на следната трка во Словенија, изјави Стефановски.
Лани Иџе со победата во Швајцарија ја обезбеди шампионската титула, овојпат не успеа, но беше бодрен пред се од македонските фанови.
– Ме израдуваа неколку македонски навивачи кои живеат и работат во Швајцарија и дојдоа да ме бодрат на оваа трка. Убаво е да се види развиорено македонското знаме на трибините. Тоа ми даде дополнителен мотив да дадам се од себе и да извојувам нова победа. Се надевам дека ги исполнив нивните очекувања и дека не зажалија што дојдоа на патеката и беа горди што се Македонци, додаде Стефановски.
До крајот на шампионатот остануваат да се возат уште две трки во Словенија и во Хрватска.