Најдобриот македонски автомобилист викендов на исклучително тешката патека во Шпанија најавува пеколно тешка трка
Пиринејската авантура на најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски Иџе продолжува викендов со четвртата трка од Европското првенство на ридски патеки на патеката Субида ал Фито на крајниот северозапад на Шпанија во близина на градчето Ариондас во провинцијата Астурија. Пласманот на третото место наместо на највисокото скалило на подиумот во Португалија е минато, а Стефановски со малата екипа и неговиот Mitsubishi Lancer Evo IX во Ариондас пристигнаа уште од понеделникот и имаа доволно време да се запознаат со патеката. Сепак, според зборовите на Иџе, првите впечатоци не се премногу ветувачки.
– Ако треба да ја опишам трката со една реченица, тогаш можам да кажам дека оваа патека не простува грешки. Главниот проблем е што на поголем дел од патеката, веднаш до работ на асфалтот, има огради и се добива чувство дека возите низ тунел. Тоа значи дека при најситна грешка или мало излетување удирате во заштитната ограда и тоа е крај на трката. Од возачки аспект, тоа значи дека нема кратење на свиоците, нема премногу внатрешен или премногу надворешен влез во свиоците, задниот дел од возилото мора да е стабилен при излезот од свиокот… Тоа ќе бара поинаков стил на возење и огромна концентрација – вели Стефановски.