По нешто повеќе од еден месец пауза, продолжуваат натпреварите во ракометната Лига на шампиони во женска конкуренција.
Со средбата која ќе се игра денеска, меѓу ЦСМ Букурешт и Ларвик ќе започне втората, главна фаза во Лигата на шампионките.
Ова е натпревар од групата 2, во кој преостанатите два натпревари ќе се играат викендов и тоа, Ѓер и Крим Меркатор ќе играат утре, а во недела на програмата е средбата меѓу Митјиланд и Есбјерг.
Во оваа група Ѓер и Крим Меркатор ќе стартуваат со по 6 бодови, додека Ларвик и Митјиланд со по 4, а Есбјерг и ЦСМ Букурешт главната фаза ќе ја започнат од „нула“.
Како водечка екипа натпреварите во групата 1 ќе ја започне македонскиот шампион ЖРК Вардар и тоа со 7 бодови, еден повеќе од Будуќност.
Токму нивниот меѓусебен дуел во недела во Подгорица ќе биде и дерби на 1.коло, во кое ќе играат и Мец – ФТЦ Будимпешта (сабота) и Турингер – Астраханочка.
По водечката двојка, изгледот на табелата во оваа група е: ФТЦ Будимпешта 5 бодови, Мец 4, Турингер 2 и Астраханочка 0.
Во главната фаза ќе бидат одиграни по шест кола, по што првопласираните четири екипи од двете групи, ќе обезбедат пласман во четвртфиналната рунда.