Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески го искажа својот став по настапот на македонските ракометари во квалификациите за Олимписките игри во Рио. Тој и покрај пропуштената историска шанса Македонија за првпат да има учесник на Олимпијадата во колективните спортови им дава целосна поддршка на ракометарите.
Во продолжение ставот на директорот на АМС, Спасески:
Многу емоции, многу измешани чувства, горчина во грлото, неверување и магла во мислите. Верувам вака накратко може да се дефинира емоционалната состојба кај секој Македонец по неуспехот на македонските ракометари да се пласираат на Олимписките Игри во РИО и со тоа да го направат најголемиот спортски успех во поновата историја на нашата земја.И тоа е нормално. Понекогаш преголемите очекувања можат да резултираат со тотален неуспех. Но, понекогаш и неуспехот е успех ако научиме нешто од него. Две пропуштени шанси за пласман на Олимпијада. Гетеборг пред 4 години и еве денес Гдањск.
Многу прашања се поставуваат. Дали оваа генерација ракометари го даде максимумот? Дали можеби сеуште не сме дораснати и не можеме да ја промениме психолошката индиспонираност дека не сме подготвени за големи резултати? Каде потфрламе? Дали е тоа во организацијата, во психолошката и физичката подготовка на ракометарите, или евентуално во лошата стратегија? Прашања многу, но одговорот е еден. Во сè по малку. Анализите допрва ќе следат, ќе се бараат “виновници” и “грешници”, но верувам ќе се донесат и правилни заклучоци.
Во вакви услови, не можам а да не го цитирам Мајкл Џордан и неговата изјава за Олимпијадата, која воедно е и космополитска спортска порака: „Сум промашил над 9000 шутови во кариерата. Сум изгубил речиси 300 натпревари. Дваесет и шест пати ми беше дадена доверба да шутирам за победа и промашив. Доживував неуспеси одново и одново во животот. И затоа успеав“ – Мајкл Џордан, кошаркар (злато на Олимписките игри во 1992 и 1984).
Која е неговата порака? Едноставна е: Нема запирање, нема откажување. И тогаш кога е најтешко, кога сите очи се вперени во тебе, не се колебај. Дај го последниот атом од силата и преземи ја одговорноста. Можеби нема да успееш веднаш, нема да успееш и по неколку пати, но никогаш не се откажувај. Тоа е тајната на успехот.
Вербата мора да остане, а со неа и желбата и волјата. Нашите ракометари, како никогаш досега имаат потреба од максимална поддршка. На нив им е најтешко. Нив поразите најмногу ги болат. Ако за сите нас, спортот е пред сè разонода и втората најважна работа во животот, за нив спортот е живот. Затоа, главите горе момци. Ќе имате уште моменти и можности да не радувате, а ние ќе си преземеме обврска безрезервно да ве поддржуваме. Без разлика дали ќе се радуваме на маестралните потези на нашите ветерани, или ќе дишеме во едно со нашите млади надежи, кои полека но сигурно треба да се трансферираат во сениорскиот тим. Смената на генерации е неминовна. Прашањето е дали ќе ја почувствуваме резултатски, или транзицијата ќе помине глатко и неосетно.
Дел од ракометарите најавија повлекување од репрезентацијата. Наумче Мојсовски со солзи во очите ја испеа нашата химна, пред мечот со Чиле, а емотивно се прости и од навивачите на крајот од натпреварот. Морам да бидам искрен и да кажам дека емотивно ја доживеав таа ситуација, кога 30-тина наши најверни навивачи во ЕРГО – арената, згрмеа едногласно: Мојсо Мајстореее. Филип Миркуловски пак, најави дека ќе го соблече репрезентативниот дрес по квалификацискиот натпревар со Чешка во јуни. Некои тоа го сметаат како логичен потег после овој неуспех, но дали повлекувањето е избрзано и се должи на моменталната фрустрација, или навистина е дојден моментот да се каже збогум на репрезентацијата и достоинствено да се остави црвено-жолтиот дрес кој скоро две децении гордо го носеа. Како и да е, Македонија се гордее со овие наши момци, кои многу често не радуваа, некогаш не растажуваа, но секогаш го оставаа срцето на терен.
Селекторот Обрван веќе ја поднесе својата оставка и за многумина тоа е задоцнета одлука, со оглед на исходот и крајниот резултат од последните две големи натпреварувања. Но, широко одекна и изјавата на претседателот на РФМ, Живко Мукаетов дека ќе се повлече од функцијата и неговата оставка ќе ја предаде до надлежните тела во федерацијата, управниот одбор и собранието. Факт е дека успехот изостана, пропадна историската шанса да се запише ракометот со златни букви во македонската спортска историја и да стане првиот колективен спорт кој ќе не претставува на Олимпијада, но одговорноста најмалку треба да се бара во раководството на федерацијата. Од едноставна причина што од организациски и технички аспект, беа задоволени највисоките стандарди. Репрезентацијата ги имаше сите услови, а стручниот штаб ја имаше целокупната доверба и привилегијата раководството на федерацијата да не се меша во нивните одлуки.
Со еден збор: Европско функционирање на федерацијата. Она што најмалку ни треба во моментов е да изгубиме човек, кој со целиот свој авторитет, кредибилитет и посветеност за развојот на ракометот покажува како треба да се менаџира една федерација. Според мене и многумина, и најдобро организираната федерација во Македонија. Особено поради фактот што ни следи краток период за соземање. Останува само малку време до баражот против Чешка. Мора да се консолидираат редовите, да се избистрат умовите и фокусирано да се тргне напред. Бидејќи времето ќе пролета, а кикс на тој двомеч ќе биде враќање назад со неколку крупни чекори. Ќе биде фрлено во вода сето она што се градеше во последните неколку години, а ракометното сивило ќе стапи на сцена.
Велат, дефинирањето на целта е стартна позиција на секој успех. Тоа е и мојата крајна порака: Да се обединиме, да се фокусираме на новите предизвици и да останеме посветени на остварување на целта. Само така ќе имаме успех.
На крајот, збор два за нашите навивачи во Гдањск. Не можам, а да не ги пофалам и да им честитам на трпението и патриотизмот. Траорна беше атмосферата по поразот од Тунис, но нивната позитивна енергија им даде крила на ракометарите во дуелот со Чиле. Нашата „Македонска фаланга“ е за почит. Капата доле.
П.С. Затоа што Македонија се сака и кога победува и кога губи.