По славеничките две недели и обезбедувањето на титулата Европски шампион на ридски патеки во Категорија 1, сезоната продолжува за новиот македонски спортски херој, нашиот најдобар автомобилист, Игор Стефановски – Иџе. Овој викенд на програмата е претпоследната трка од календарот која се вози во Илирска Бистрица, во Словенија. Нашата екипа со шампионското Mitsubishi Lancer Evo IX веќе пристигна во Словенија и се подготвува за новиот настап.
Иако, Иџе нема потреба да ги вози последните две трки од календарот, во Словенија, а потоа и финалето во Бузет, Хрватска во септември, нашиот ас има поинакви математики:
– Патеката во Бузет ја познавам бидејќи имам настапувано на неа претходно. Со тоа, во овој момент, по изминати 10 трки од Европскиот шампионат, патеката во Илирска Бистрица ми е единствената која не сум ја возел и која не ја знам. Доколку и следната сезона останеме во истиот шампионат и ја браниме титулата, сакам да имам чиста ситуација и престава за сите патеки од календарот и добро да ги познавам спецификите на секоја од нив. Од тие причини се решивме да настапиме и во Словенија.
– Секако, конечно, за прв пат сезонава, патуваме релаксирани и без резултатски императив. Големиот товар веќе го тргнавме од нашите плеќи. Но, во Словенија сакаме да се претставиме во добро светло пред тамошната публика и сепак, освоената шампионска титула и досегашните резултати во текот на сезоната не обврзуваат на сериозен пристап – вели Иџе.
Инаку, словенечкиот организатор испрати специјална покана за учество до Стефановски и максимално се ангажираше да го има новите шампион за 2014 година на својата трка. Секако, тоа е уште едно признание за европскиот ранг на нашиот прв европски шампион на четири тркала.
Инаку, конкуренцијата во групата Н во Словенија е бројна, освен Иџе, во неговата група има уште 14 пријавени возачи од Словенија, Чешка, Австрија и Италија. Севкупно се пријавени 142 натпреварувачи од кои 65 се во конкуренција за Европскиот шампионат.
Патеката во Илирска Бистрица е долга 5.010 метри, а ќе се возат две трки. Трката се вози од 1995 година, а за прв пат се најде во календарот за ЕП во 2007 година и се вбројува како најдобро организираната ридско – брзинска трка на екс-југословенските простори.